Локално Вести ОПШТИНСКИОТ КРИЗЕН ШТАБ КОНСТАТИРА ДОСЛЕДНА ПРИМЕНА НА ПРЕВЕНТИВНИТЕ МЕРКИ

ОПШТИНСКИОТ КРИЗЕН ШТАБ КОНСТАТИРА ДОСЛЕДНА ПРИМЕНА НА ПРЕВЕНТИВНИТЕ МЕРКИ

1669
0

Градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, денес го свика Кризниот штаб, формиран во рамките на Локалниот совет за превенција, во кој членуваат претставници на Државните и Општинските органи и институции директно вклучени во примената на мерките за превентивна заштита од Covid 19 (Корона вирус). На состанокот беше констатирано дека последните мерки од Владата на Република Северна Македонија во општина Гевгелија целосно и доследно се применуваат.

На граничниот премин Богородица, на македонско-грчката граница, патничкиот сообраќај е целосно намален, а во земјата се пропуштаат само наши државјани со кои се врши интервју од страна на граничните полицајци и волонтери на Црвениот крст и кои потпишуваат изјави за самоизолација доколку доаѓаат од високо и средно-ризични земји. Товарниот сообраќај се одвива без проблеми, со напомена дека грчката гранична полиција ја известила нашата дека од 21 до 5 часот наутро ќе биде забранет влез на товарни возила во нашата земја.

Од страна на Центарот за јавно здравје- ПЕ Гевгелија, сите објекти и кабини на граничниот премин Богородица се дезинфицирани, ќе бидат дезинфицирани и другите Државни објекти и установи, а во соработка со ЈПКД „Комуналец“ ќе биде организирана и акција за дезинфекција на сообраќајниците во градот.

Во Општата болница во Гевгелија сите мерки доследно се применуваат, строго се забранети сите посети на болни, а во договор со пациентите се одлаагаат закажаните прегледи преку „Мој термин“.

 Во Прифатниот центар за мигранти „Винојуг“ минимален е бројот на мигранти кои по краткиот престој се враќаат назад. Истовремено, засилена е контролата за спречување на илегалните преминувања на мигранти преку границата.

 Сите угостителски објекти, игротеки, обложувалници и казина на територијата на општина Гевгелија се затворени и се вршат редовни контроли од страна на Државните пазарни инспектори. На состанокот е побарана засилена контрола, посебно кога станува збор за угостителските објекти во некои населени места. Контролата се врши во соработка и координација со Одделението за внатрешни работи во Гевгелија и Полициската станица во Гевгелија.

Кризниот штаб апелираше на поголема и целосна информираност на граѓаните за мерките и нивната примена да не се верува на шпекулациите, туку на информациите од надлежните Државни органи, во прв ред, Министерството за здравство. Притоа, од страна на Одделението за внатрешни работи се апелира до граѓаните слободно да пријавуваат на дежурниот број 192 за одредени непочитувања на примената на мерките, за лица кои доаѓаат во земјата од ризични подрачја, а не се пријавуваат, за угостителските објекти и игротеки кои не ја почитуваат забраната, појава на илегални мигранти и други појави. Со напомена дека пријавите се анонимни, а целта е да се зголеми колективната безбедност.

Од страна на градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, Кризниот штаб беше информиран за акцијата на Општина Гевгелија преку мобилни екпипи на старите и изнемоштени лица да им помогне при набавката на прехранбени артикли, средства за лична хигиена, лекови и наплата на сметки.

Спонзорирано:
loading...

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде